Во време кога фитнес индустријата е преплавена со „брзи резултати“, интензивни програми и предизвици од 30 дена, расте едно тивко, но значајно движење: враќање кон основата.

Photo by Jaspinder Singh on Unsplash
Наместо трчање по совршено тело, сè повеќе луѓе, особено во возрасната група од 35 до 65 години се насочуваат кон вежби што градат стабилност, мир и долгорочно здравје.
Трендот на „нежно движење“ го менува начинот на кој гледаме на физичката активност
Истражувањата покажуваат дека луѓето што вежбаат редовно, но нежно, преку јога, пилатес или едноставно пешачење, пријавуваат повисоки нивоа на ментално здравје и подобар сон, во споредба со оние што практикуваат интензивен кардио или силов тренинг. Според извештај на Harvard Health Publishing, умереното движење помага не само за одржување на телесната тежина и мобилност, туку и за стабилизација на хормоните и намалување на хроничниот стрес. „Луѓето не се откажуваат од теретана затоа што не се трудат доволно, туку затоа што нивното тело им вели дека нешто не е во ред. Постои емоционален замор од постојаното бркање резултати,“ вели Сандра Петрова, инструкторка по пилатес со 15-годишно искуство. „По 40-тата, телото се менува, му треба однос, не казна.“
Пилатес: основна стабилност за секојдневието

Photo by Dane Wetton on Unsplash
За многумина, пилатес е повеќе од тренинг, тоа е како повик за освестено движење. Вежбите се насочени кон длабоката мускулатура и подобрување на држењето, што го прави идеален за луѓе што работат во седечка позиција или чувствуваат хронична болка во грбот. Без агресивни скокови или товар, пилатесот нуди сила која се гради однатре.
Јога: дисциплина што го смирува умот

Photo by kike vega on Unsplash
Далеку од поп-културната верзија што ја прикажува јогата како физичка флексибилност, вистинската практика нуди простор за дишење, фокус и длабока внатрешна смиреност. Истражувања на Johns Hopkins Medicineпокажуваат дека редовната јога може да ги ублажи симптомите на анксиозност и депресија, особено кај повозрасна популација. Во земји како Германија, Велика Британија и Канада, јогата веќе е дел од превентивни здравствени програми, како дел од третман за хронична болка и пореметување на спиењето.
Пешачење: наједноставната форма на отпор кон стресот

Photo by Richard Burlton on Unsplash
Иако често се потценува, редовното пешачење има огромно влијание врз телото и умот. Само 30 минути дневно, според Светската здравствена организација, го намалуваат ризикот од срцеви заболувања, дијабетес тип 2 и когнитивен пад. Психолозите го препорачуваат пешачењето како форма на „активна медитација“, особено за луѓе кои се борат со стрес, замор или постојани грижи.