Невремето остави хаос во Аеродром – паднато дрво, расфрлано ѓубре низ општината

Во вчерашното невреме во Скопје, суво дрво падна врз автобуска постојка во Аеродром, а добрата вест е што нема повредени.

Дрвото и постојката се во близина на просториите на Општина Аеродром, па тоа дополнително предизвикува гнев кај граѓаните, кои на социјалните мрежи коментираат дека надлежните не гледаат ни пред нос, а не пак подалеку.

Граѓаните велат дека пријавувале неколкупати за истото дрво, но дека до вчерашното невреме, проследено со силен ветар, никој не презел ништо дрвото да биде отстрането. 

Општината, повторно по пријава на граѓани, попладнето излезе на терен и го исече и отстрани, паднатото дрво. 

На социјалните мрежи беа споделувани видеа на кои се гледа дека невремето направи хаос низ општината. Растурени контејнери и расфрлано ѓубре беше сликата која остана низ улиците на Аеродром.