Невакцинирано дете нема да биде запишано во училиште или во градинка

Точно е дека во делот на законот за основно образование има некои контрадикторности, но нема да дозволиме ниту едно дете да биде запишано ниту во училиште, ниту во градинка невакцинирано, заради тоа што не може волјата на родителот да биде посилна од правото на детето да биде здраво, а при тоа не може со една индивидуална постапка да се загрозува и колективното здравје кое е над се, изјави  министерот за здравство Венко Филипче.

– На овој начин не се крати никакво право, заради тоа што најбитно е здравјето на детето и колективното здравје, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за граѓанска иницијатива за донесување закон за изменување на Законот за заштита на населението од заразни болести на 129 граѓани, што денеска не беше разгледана на седницата на собраниската Комисија за политички систем, бидејќи поради немање кворум таа беше одложена и ќе биде закажана, како што беше истакнато, најверојатно на 6 мај или 7 мај по завршувањето на вториот круг од изборите.