
Две лица загинаа, а 83 се повредени во тешка сообраќајна несреќа што попладнево се случи на патот Сремска Митровица – Јарак, кога се преврте автобус, јавуваат српските медиуми.
На местото на несреќата интервенираат полицијата, пожарникарите и екипи на брзата помош, кои се обидуваат да ги извлечат повредените патници. Според првичните информации, автобусот се превртел на кров, а повеќе лица останале заробени во возилото.
Засега не е позната причината за несреќата. Според неофицијални информации, автобусот превезувал работници од компанија во Рума. „Истрагата е во тек, а причината ќе биде утврдена по увидот на местото на настанот“, објавија српските медиуми.
Поради несреќата, сообраќајот на патот од Засавица до Рума е целосно запрен, а делот од правец на Сремска Митровица кон Јарак е преполн со полициски и амбулантни возила кои се упатуваат кон местото на несреќата.