„Нешто посебно и нераскинливо“ - Наталија со емотивна исповед за врската меѓу Андреј и ќеркичката Јана

Наталија Ѓорѓиеска, сопруга на трагично загинатиот Андреј од групата ДНК во пожарот во кочанската дискотека, во емотивното гостување во поткастот „Претрес со Ландов“ проговори за човекот кој стоел на сцената, откривајќи детали од неговиот живот и хуманост кои досега не биле познати за јавноста.

Таа истакна дека чувствува и огромна гордост и неизмерна тага, но дека е благодарна што имала можност да го сподели животот со него.

- Гордоста и тагата одат заедно. Гордa сум на човекот кој го имав во мојот живот, а тажна што повеќе не е со нас. Благодарна сум што бев дел од неговиот живот и тој од мојот“, рече Наталија.

Според неа, јавноста знае само мал дел од хуманитарните дела што Андреј ги правел далеку од очите на јавноста. Тој редовно им помагал на луѓе во неволја – финансиски, со плаќање сметки, обезбедување мебел или поддршка на семејства кои се соочувале со тешки животни ситуации.

- Дури и за време на поплавите во Стајковци, тој и Панчо беа на терен и помагаа да се извлечат луѓе од калта и да се спасат животи, раскажа таа.

Наталија го опиша Андреј како исклучително посветен сопруг и татко кој секогаш се трудел да го заштити своето семејство.

- Нè чуваше под едно стаклено ѕвоно и се обидуваше да нè заштити од сè. Би ѝ посакала на секоја жена да има таков човек и таков пријател покрај себе, рече таа.

Особено емотивно зборуваше за врската што Андреј ја имал со нивната ќерка Јана.

- Не можам со зборови да ја опишам нивната поврзаност. Тоа беше нешто посебно и нераскинливо. Поголемиот дел од времето го поминуваа заедно и сигурна сум дека Јана ќе го памети по многу прекрасни моменти, изјави Наталија Ѓорѓиеска.

Таа упати порака до јавноста никогаш да не се заборават ликот и делото на Андреј, човек кој, како што вели, оставил длабока трага не само во музиката, туку и во животите на многу луѓе на кои им помогнал.