Немојте да чекате...

Немојте да чекате животот да ве удри по глава, па дури тогаш да сфатите дека цело време сте незадоволни, некако несреќни, некако негативни, дека се грижите за глупости, за работа, за „кој што рекол“, за пар килограми вишок, за единицата на детето по математика, за кавгата со свекрвата и тоа што минатата година не сте отишле на одмор. 

Немојте да чекате. Знаете вие одлично што е тоа што ве јаде одвнатре и што не е добро за вас, што ве мачи. 

Немојте да чекате да дојде денот да го сфатите тоа на потешкиот начин, по лекарскиот преглед кој требало да биде рутински, кога ќе почнете да го вртите филмот и да мислите зошто баш вие и што сте правеле погрешно. 

Ништо не сте правеле погрешно, освен што не сте слушале што ви кажува мозокот, телото, срцето. Кои прво шепотат, а потоа вриштат, се бунат, сакаат поинаку и не сакаат повеќе да одат против себе.

Немојте да чекате.