Министерството за внатрешни работи заедно со Основното јавно обвинителство Тетово преземаат мерки и активности за расчистување на настанот во тетовското село Слатино каде вчера беа пронајдени починати мајка и дете, информираа од полицијата.
- Првичните сознанија од наредената обдукција упатуваат на труење како веројатна причина за смрт на лицата, па од починатите се земени примероци за дополнителни токсиколошки анализи со цел да се утврди причината за труењето. Кај починатите не се пронајдени други траги на насилство, посочуваат од МВР.
Исто така, по наредба на јавен обвинител ќе бидат земени примероци од крв и урина и од останатите членови на семејството - татко и уште едно дете, со цел да се провери евентуално присуство на токсини и кај нив, додаваат оттаму.
Се преземаат и други мерки за целосно расчистување на случајот.