Нема свадби во ресторани, но има во станови, дворови и барови кои не ги исполнуваат условите

Владата забрани работа на рестораните за свадби, но не и свадби во станови, дворови и ресторани кои не се ни близу да ги исполнат условите за организирање свадби, изјави Баки Зеќири, претставник на сопствениците на ресторани за свадби во своето гостување во емисијата „Економски магазин“.

Тој истакна дека рестораните за свадби се едни од најпогодените во кризата предизвикана во пандемијата.

„Како што сите знаеме, веќе една година престанавме да работиме во нашата професија, неколкупати ги доставувавме своите барања, но наидовме на глуво уво на Владата. Ние бараме прво да започнеме со работа. Нашата работа не е од денес за утре, потребно е време да се извршат подготовките. Бараме од владата да изготви специјални протоколи затоа што ние сме единствениот сектор што цела година сме погодени од пандемијата. А, свадбите не престанаа, ние цело време имаме свадби, свадби кои се одржуваат во станови, дворови и села“, рече Зеќири.

Додаде дека според него има начини да се создадат безбедни услови за одржување семејни прослави.

„Зошто не е можно да се одржуваат свадби на маси со дијаметар од 2 метра, каде што може да се сместат 6 лица. Во рестораните кадешто се одржуваат свадби на црно, во ресторан од 50 квадратни метри или 100 квадратни метри со 70 гости, каде седат на маса со дијаметар од 50 см. по четири лица, не гледам зошто сме поопасни за Комисијата за заразни болести од нив, ние бараме да работиме според тие протоколи“, рече Баки Зеќири, претставник на сопственици на ресторани за свадби.