Нема опасност од примање на вакцини против ковид и грип истовремено, вели д-р Стојанов

Епидемиологот д-р Александар Стојанов, за Фактор, изјавува дека нема да има проблем ако пациенти кои се веќе вакцинирани против ковид да примаат и вакцина против грип, откако денеска беше најавено дека ќе се набават вакцини против сезонска инфлуенца. 

-Сметам дека нема да има никаков проблем ако двете вакцини се примаат истовремено. На едната рака едната, на другата рака-другата вакцина. Вакцинита навистина се безбедни, тие не прават проблем. Луѓето ги правта проблемите и тоа од не знаење. Сакам посебно да потенцирам дека досега требаше сите да се вакцинираат против ковид. Не треба да се доведат луѓето во ситуација да чекаат да пристигне и сезонскиот грип, па сега да размислуваат за примање на вакцината и против кови и против грип. Но, ќе повторам, и да се примаат двете вакцини истовремено не е никакво оптоварување на организмот. И добро е да има интерес за вакцинација и против сезонскиот грип, бидејќи и онака епидемиолошката ситуација воопшто не ни е сјајна. Во моментов во Македонија имаме епидемија на ковид, но на невакцинирана популација. 90 проценти од заболените, од хоспитализираните, како и од починатите се невакцинирани граѓани - вели епидемиологот за Фактор.

Вакцината против сезонски грип е бесплатна за ризичните групи, додека пак, за останатите, се плаќа сума која е различна секоја година. Минатата година вакцината против грип изнесуваше 600 денари, но не е познато колку ќе чини оваа година.