Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Менди Ќура изјави дека не може да се гарантира дека нема да има промена на цените на производите по завршувањето на Новогодишната кошничка кога беа намалени цените на дел од прехранбените производи.
Тој појасни дека остануваат на ставот дека во нормални услови треба да функционира слободниот пазар. Смета дека интервенирање со стоковните резерви, е можно само во вонредни состојби. Доколку повторно има потреба од носење кошничка, како и во изминатиот месец ќе ја поддржат таквата мерка со настојување до нивните членки да ги намалат цените на одредени производи и да се придржуваат до ветувањата.
„Ако се носи повторно кошничка ние ќе го имаме истиот став што го имавме и пред месец дена. Ние ќе инсистираме, кошницата, односно главните, основните продукти да се намалат, како што беше од 15 (декември) до 15 (јануари). Во периодот помеѓу две кошнички, ако нема некаква мерка, цените ќе одат на слободниот пазар, и веројатно (цените) ќе одат нагоре. Тоа е слободен пазар и во него ние не се мешаме“, рече Ќура на новинарско прашање за време на Отворениот ден на Стопанската комора на северозападна Македонија, на кој присуствуваа првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Рефик Џемаили.