Министерот за здравство, Арбен Таравари на денешната прес-конференција информираше дека неколку западноевропски држави понудиле подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти, повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март.
„Во следните денови ќе известиме и каде може да бидат сместени тие пациенти, доколку има потреба за подолготрајна рехабилитација. Најверојатно од тие потешките, сигурно некои ќе имаат и таква потреба“, рече Таравари.
Тој информираше дека од оние кои се лекуваат надвор од државата, вкупно 115, во критична состојба остануваат четири до пет пациенти.
„За жал, четири-пет пациенти се во посериозна состојба, некаде има и влошување, меѓутоа нашите колеги во болниците каде овие пациенти се лекуваат се обидуваат да дадат максимум од себе за да го поминат овој тежок период“, појасни Таравари.