Неколку вистини за љубовта кон себеси...

Боже кога ќе се сетам. Толку е убаво да си заљубена во маж, чевли, книги, себеси. Тоа чувство на поместување на тлото под нозете ми е омилено чувство и се надевам дека никогаш нема да ја изгубам способноста да се заљубувам во мажи, чевли и книги. 

Во себеси  се надевам дека нема повеќе да се заљубувам. Од сите илузии на заљубеноста, таа ми е најлоша. Наскоро ќе полнам 30 години. Вилицата почна да ми се менува, се појавија алергиите на сонце и велат дека утрото на мојот 30-ти роденден, ќе здогледам огромна брчка на чело. Сите мои познанички велат дека ја здогледале. 

Да се живее последната година од 20-тите години во време кога светот кој го познаваме е сѐ пострашен, звучи малку страшно, но мене ми беше совршено. Конечно научив дека да се сакаш себеси не значи да бидеш заљубен во себеси. Заљубувањето во мажи, чевли и книги (или себе) значи на сите тие работи да им се преувеличуваат доблестите кои воопшто не постојат или се мали. Да се биде заљубен во мажи, чевли, книги или себеси, значи длабоко некаде во себеси да знаеш дека на тоа чувство ќе му дојде крајот. Мажот ќе си замине, чевлите ќе застарат и ќе излезат подобри, ќе дојдат и некои нови книги. А ние остануваме сами со себе. Што ќе се случи со нас кога ќе помине чувството на заљубеност?

Љубовта кон себеси и единствена љубов на овој свет која не може да произлезе од заљубеноста. Тоа е единствената љубов околу која има неверојатно многу работа. Тоа е единствена љубов која не се случува и не паѓа од небо, туку бара многу одлучување, планирање и остварување. 

Како се чувствува детето во тебе? Дали сѐ уште е тоа расплакано дете во средно училиште кое плачело на секој коментар, па сега надоместуваш со разноразни филтри на Инстаграм? Како се чувствува детето во тебе? Дали сѐ уште се плаши дека мама нема да дојде ако заплаче? Дали се плаши дека нема да дојде никој? Дали го замолчуваме детето во себе, дали го презираме? Дали го нарекуваме бедна кукавица која се плаши да биде напуштена? Дали остатокот од нашиот живот го поминуваме заљубени во себе и работиме на тоа детето во нас да се чувствува уште полошо? 

Како се чувствува детето во тебе? Тоа е провото прашање кое мораме да си го поставиме на патот кон искрената и вистинската љубов кон себе. Што кажува детето во нас за сите средства кои ги употребуваме за да го игнорираме неговото постоење? Дали и понатаму ги исмеваме неговите недостатоци? 

Нема љубов кон себе, без разговор со тоа дете. Без средба со него. Нема почеток на љубов кон себе додека не го прегрнеме тоа дете во себе, додека не му ја дадеме целата љубов и заштита кои ги имаме на располагање. Нема љубов кон себе без работа врз себе. Без безгранична утеха. Без укинување на сите казни со кои го малтретираме откако пораснавме. 

Ќе научиме да се сакаме себеи кога во нас ќе порасне тоа среќно дете на кое ќе му дадеме до знаење дека е навистина океј тоа што понекогаш плаче. 

Дека не е крај на светот што има криви нозе. Дека постои некое возрасно ЈАС кое ќе дојде секогаш кога ќе му се плаче и кое никогаш нема да го напушти. 

  • Марина Радош