Неколку случаи на ампутација на екстремитети во Србија, кај пациенти со делта-сој

Докторката Татјана Аџиќ од болницата во белградската населба Батајница изјавила дека изминатиот период имале неколку случаи кога треба да направат ампутација кај пациенти со делта-сојот на коронавирусот, а меѓу нив имало и млади луѓе. 

Таа потврди дека во истата болница имало барем пет ампутации, меѓу кои и млад човек, татко на четири деца, кој поради тромбоза и гангрена на екстремитети, останал без двете раце. За коронавирусот знаеме дека предизвикува проблеми со коагулацијата, па затоа инјекциите клексан се дел од протоколот за лекување. Сепак, клиничката слика не е иста кај секој пациент, па затоа не може да се предвиди како болеста ќе се развива и што се ќе треба да се преземе за да се спаси пациентот. 

Аџиќ нагласува и дека не се ретки случаите на тромбоза во големите крвни садови, кои завршуваат во срцето и дишните патишта, но неретко и во екстремитетите. Таа сподели и случај за пациент кој добро закрепнувал, но нозете постојано биле бели и ладни, па по направен преглед е детектиран тромбот и навреме е интервенирано, пред да се појави гангрена. 

Доколку тромбот се заглави кај срцето, пациентите најчесто умираат, бидејќи сè се случува во краток временски период, без простор за интервенција. 

За тоа зошто делта-сојот, но и општо коронавирусот има различни симптоми кај различни профили на пациенти, до степен на нелогичност, таа вели:

„Кој ќе го открие тоа, ќе треба да добие Нобелова награда. Има некои поклопувања во однос на крвна група или генетика, но не е кај сите. Имавме еднојајчани близнаци со исти симптоми кои починаа, но имавме и петчлено семејство од кое сите починаа. Она што со сигурност го знаеме по речиси две години е дека вирусот е смртоносен. “