Неколку македонски државјани, заедно со Срби, Црногорци, Хрвати и Босанци биле евакуирани од Израел - слетаа на аеродромот во Белград

Неколку државјани на Македонија заедно со државјани на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска, кои беа евакуирани од Израел, околу два часот по полноќ, пристигнаа во Белград со специјален лет на „Ер Србија“ од Шарм ел Шеик, организиран од Владата на Србија и Министерството за надворешни работи.

Специјалниот лет, кој тргна од Белград вчера околу 17 часот, пристигна во Шарм Ел Шеик околу 21 часот по локално време, и се врати со 67 граѓани на Србија евакуирани од Израел, меѓу кои и мали деца, јави РТС. Првично беше организирано преминување по копно на египетската граница, односно превоз до аеродромот во египетско одморалиште.

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Дамјан Јовиќ, кој беше испратен во Египет за координирање на акцијата, вели дека покрај фактот дека станува збор за хуманитарно прашање, тоа е и пораката што Република Србија сака да ја испрати дека сака „најдобри и најблиски односи исполнети со солидарност со нашите соседни земји“, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина.

Македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) информираше дека заклучно со денес, вкупно 632 македонски државјани побарале информации за евакуација од погодените региони на Блискиот Исток.