Неделава не се јаде месо - Верниците се подготвуваат за Прочка и големиот велигденски пост

Од денеска за православните верници почнува седмицата позната како сиропусна пред големиот празник Прочка кој ќе се одбележи во недела, претстојниот викенд. 

Оваа недела се нарекува сирна недела, затоа што во тие денови не се јаде месо, туку се јадат млеко и јајца и продукти што ги содржат нив. Со месо се запостува претходната недела навечер, кога последно се јаде месо и потоа, дури на Велигден.

- Но овој ден твориме спомен на изгонувањето од рајот на првосоздадениот Адам, заради храна, како што устроија божествените свети отци, пред самиот почеток на светата Четириесетница. Бидејќи со тоа се покажува дека постот е лекарство полезно за човечката природа, додека лакомството и непослушанието се гнасни. Оставајќи ги безбројните примери на овие пороци во светот, светите отци укажуваат жив пример во првосоздадениот Адам кој претрпе голема штета во неговиот целосен пад кој донесе штета за нашата природа. Тој не ја одржа првата заповед за полезниот пост којашто Господ ја даде за човештвото, туку им се покори на желбите на стомакот и на змијата, преку Ева, и не само што не стана бог, туку ја воведе смртта, донесувајќи погуба за целиот наш род. Заради неумереноста на Адама, нашиот Господ постеше четириесет дена и беше послушен. Заради оваа причина, светите апостоли го зачнаа овој сегашен четириесетодневен пост, та како што Адам ја загуби нетрулежноста преку неумереност, ние да можеме да ја здобиеме преку воздржание. Она што Адам го погреши и не го достигна – обожението, тоа ние ќе го здобиеме, ридајќи и постејќи и смирувајќи се, додека Бог не нè посети, бидејќи без тие нешта е невозможно да го примиме она што сме го загубиле, се наведува во светите писанија. 

Уште е позната како бела недела, затоа што во текот на целата седмица, дури и во среда и во петок, се јаде млеко и млечни производи во сите видови и производи со млеко и јајца.

Проштална недела или Недела на проштевањето – Седмицата завршува со неделата во која луѓето си проштеваат едни на други, за да ги остават и гревовите со оставањето на мрсната храна, а во постот да се воздржуваат и од гревовноста.

Прочка е во недела кога верниците меѓусебно си простуваат пред почетокот на Велигденскиот пост. Зборот „Прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ = простување или од „проштати“ = проштева. Прочка е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.