Не го набљудувајте својот живот, создавајте го

Преземањето одговорност за својот живот е една од најхрабрите работи кои можеме да ги направиме за себеси.

Тогаш, сфаќаме дека иако некогаш условите се тешки и сложени, решаваме дека ние сме оние кои ги влечат конците во нашиот живот и кои носат свесни одлуки за подобрување на нашето секојдневие.

Веројатно додека го читате ова би рекле дека тоа е тешко во Македонија или на Балканот и многу полесно во другите држави и веројатно сте во право, но тоа не значи дека целосно треба да се препуштиме на условите онакви какви што се и да си кажеме себеси дека немаме никаква моќ да го менуваме нашиот живот.

За почеток, важно е да сфатиме дека сите ние, без оглед на тоа каде живееме сме затвореници на своите навики и рутини. Стануваме од кревет секое утро, а потоа одлучуваме што ќе правиме со остатокот од денот. Но, многу често не носиме одлуки, туку оставаме денот да нè носи.  Многу од работите кои ги правиме ги правиме без да размислиме за тоа. На автопилот сме 97% од времето. 

Една од свесните одлуки кои можеме да ги направиме уште по самото будење е да пуштиме музика која нè опушта, наместо да скроламе на социјалните мрежи. Голем дел од луѓето се залепени за своите телефони, сонувајќи за поинаков живот, но кога се движите низ луѓето следен пат, наместо да гледате во телефон, погледнете во нив, прочитајте какви приказни носат на своето лице или пак едноставно започнете разговор.

За да живееме подобар живот, треба да сфатиме дека во голема мера имаме контрола над она што ни се случува и дека најдоброто нешто што можеме да направиме за себе е да успориме и да уживаме во малите, убави нешта околу нас. Можеби не можеме целосно да се смениме себеси, но можеме да ги смениме малите навики кои ќе ни го подобрат расположението и ќе нè направат посреќни.

Слушнете ги своите мисли и потребите на вашето тело. Слушнете што имаат да ви кажат тие и така создавајте нови навики. Бидете свесни за она што ви се случува, но и свесни за тоа што ви е потребно и што го посакувате за себеси. Колку од тие потреби се нематеријални?

Можеби не знаете од каде да почнете, но важно е да донесете одлука дека сакате да го направите тоа, а одговорот ќе доаѓа чекор по чекор. Процесот е ваш и само ваш.