Не е важна само големината, битна е и техниката

Според стручњаците, десетина минути се сосема доволни за и двајцата партнери да бидат задоволни.

Се повеќе луѓе се незадоволни од својот сексуален живот, бидејќи медиумите, филмовите и сериите наметнаа нереални очекувања. Сексолозите по прашањето околу должината на сексуалниот чин сметаат дека идеален е оној однос кој не трае повеќе од 13 минути. Се што трае подолго од тоа може да се претвори во досадно, депримирачко и заморно.

Истражувачите Ерик Корти и Џени Гвардијани анкетирале 50 членови од Друштвото за сексуална терапија, меѓу кои имало психолози, доктори, социјални работници и брачни советници кои секојдневно доаѓаат во контакт со голем број на луѓе од САД и Канада.

Од нив се барало да го оценат времетраењето на сексуалниот однос како: "прифатливо", "посакувано", "прекусо" или "предолго".

Најголем дел од испитаниците оцениле дека односите кои траат од 3 до 7 минути се "прифатливи", а односите кои траат од 7 до 13 минути како "посакувани", пренесува Дејли Мејл.

Изненадувачки, се што е подолго од 13 минути било оценето како "предолго".

Во денешно време постојат многу стереотипи кога станува збор за сексуалноста и сексуалните односи, смета професорот по психологија на Универзитетот Пен, д-р Корти.

Мажите веруваат дека жените сакаат да водат љубов цела ноќ, жените пак мислат дека мажите се тие кои сакаат чинот да биде "маратонски", а всушност и едните и другите се во заблуда.
Квалитетот на сексуалниот однос и емотивната поврзаност на партнерите се многу поважни од должината на односот, сметаат истражувачите чија цел била да се охрабрат паровите во врска со нивната сексуалност.