НБРМ смирува: Девизниот курс на денарот е стабилен

Народна банка на Република Северна Македонија реагираше на објавите во дел од порталите и на социјалните мрежи дека денарот ја губи својата стабилност. Оттаму смируваат дека средниот курс на еврото според курсната листа на Народната банка изнесува 61,69 денари и истиот е непроменет во однос на лани.

-Погрешни се информациите кои излегоа на некои од порталите и на социјалните мрежи дека е покачен курсот на еврото. Во објавите се прави забуна помеѓу курсната листа за вршење на платен промет со странство за потребите на државните органи, со средниот курс кој е релевантен податок за вредноста на валутите. Девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво, велат преку соопштение од НБРМ. 

-Народната банка располага со низа инструменти со коишто ја гарантира стабилноста на денарот во однос на еврото. Девизните резерви коишто се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво – двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година, велат оттаму.