„Насоки за ефикасно управување во енергијата во домот“ - обуки во Скопје

Здружението МАЦЕФ од 30 ноември до 2 декември ќе спроведе обуки на тема „Насоки за ефикасно управување во енергијата во домот“. Oбуките се дел од проектот „Енергија за тебе“, а се наменети за социјалните работници, психолозите и педагозите кои се во непосреден контакт со домаќинствата кои се соочуваат со „енергетската сиромаштија“.

Темите кои ќе бидат опфатени со обуките се: дефинирање на поимот енергетска сиромаштија, степенот на домаќинства кои се на прагот на енергетската сиромаштија, дали само социјално загрозените домаќинства се енергетски сиромашни, регулативата која е насочена кон намалување на енергетската сиромаштија, кои мерки можат да ги преземат домаќинствата за да ја намалат потрошувачката на енергија во домот, еколошката страна од спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност на локално и глобално ниво.

На учесниците на обуките ќе им биде поделен Прирачник со насоки за меки и тврди мерки за енергетска ефикасност.

Дополнително, на неколку локации низ градот Скопје на граѓаните ќе бидат поделени флаери во кои има наведено мерки за енергетска ефикасност што не бараат големи финансиски вложувања, а влијаат кон намалување на финансиските трошоци за потрошена енергија.

Проектот е потпомогнат од меѓународниот проект на Град Скопје „Подобрување на здравјето, благосостојбата и еднаквоста преку утврдени урбанистички политики за справување со енергетската сиромаштија“, финансиран од Европската Унија.