Наскоро! Казни за пешаците со слушалки - 40 евра, ќе се казнуваат и велосипедисти

Нема повеќе безгрижно шетање по улица со слушалки или зборување на мобилен телефон додека преминувате улица – Владата до Собранието поднесе измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во кои внесува ригорозни измени и за пешаците, но и велосипедистите и возачите на електрични троитнети.

„Пешакот е должен кога се движи по коловоз под услови утврдени со овој закон или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред, со кои би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента“, се наведува во предлог измените.

Ако полиција го сопре пешакот, тој ќе биде казнет со глоба од 40 евра во денарска противвредност.

Казни се предвидени и за велосипедистите кои ќе носат слушалки или ќе зборуваат на мобилен телефон додека возат. За нив, глобата е за 10 евра повисока отколку за пешаците.

Истите казни се предвидени и за возачите на електрични тротинети, а кои користат слушалки, телефони или некаков вид на електронски уред.

Овие измени доаѓаат заедно со оние за „Безбеден град“ – систем кој за почеток ќе функционира во Скопје, Тетово и Куманово, а до средина на 2026 година, се очекува да профункционира низ целата држава. 

Инаку, во август нотирано е дека санкционирани се 164 пешаци и 81 возач на електричен тротинет од страна на полицијата. 

Користењето на слушалки додека се движиме низ сообраќајот навистина може да биде ризично. Истражувањата покажуваат:

- Во САД, од 2004 до 2011 година, се регистрирани 116 случаи каде што повредени или загинати пешаци носеле слушалки. Околу 70 % од тие случаи завршиле со фатален исход, а над половина од инцидентите се случиле со возови, иако пешаците не ги слушнале сигналите за предупредување.

Ширум светот, експерти потсетуваат дека слушалките го намалуваат вниманието и блокираат важните звуци од околината, што значително го зголемува ризикот од несреќи. 

Истражувањата сугерираат дека споредено со визуелна или мануелна разсеаност, слушалките создаваат и сензорна изолација - изолирајќи ги корисниците од важни звуци од околината, како сирени или кочење и сигнализација.