Нарушувањето на растот еден од честите најрани симптоми кој открива други заболувања

Под мотото „Само две мерења на висината годишно, може да го променат животот на вашето дете“, Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања „Раст“ денеска деветти пат се придружи на глобалната иницијатива за одбележување на Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата.

Александар Петровски, претседател на Здружението на граѓани „Раст“ истакна дека оваа година вторпат е обезбеден буџет од страна на ФЗОМ и реализирана набавка во вредност од 61,8 милиони денари и раст од 6 отсто споредено со минатата година. Тој рече дека нарушувањето на растот е еден од честите најрани симптоми кој ни открива други заболувања кои стојат во позадина како причина.

– Оваа терапија сега овозможува во просек лекување на 150-160 деца. Ова е голем чекор напред за децата, а сатисфакција на Здружението дека заложбите и макотрпната борба која трае една деценија и конечно финализра со зголемување на буџетот, рече Петровски.

Петровски апелира до родителите да бараат од матичните лекари и педијатри да ја мерат висината два пати годишно и да ја внесат во кривата на раст и при секое отстапување да консултираат задолжително педијатар, ендокринолог. Бесплатно е достапна апликацијата за следење на растот Карта на растот.

Тој информира дека ќе бидат поставени постери на повеќе места каде родителите ќе можат на лице место да ги користат и да направат проверка на висината на нивните деца.

Аспасија Софијанова, директорка на Универзитетската клиника за детски болести изјави дека секое одложување на година дена доколку нема хормон за раст, како што рече, значи заостанување во тој раст и губење на значајни функции во организмот, кои можат да значат понатаму многу нешто во однос на сите тие семејства кои чекаа на вратите, молеа, прашуваа.

– Има и многу други болести кои заслужуваат навистина при нивното разгледување и воочување навремено во однос на развојниот период на детето, што е исклучително важен за да имаме една здрава индивидуа, во позадината го кријат хормонот за раст, кој кога би се дал на време да немаме една индивидуа која во иднина ќе има проблеми, рече таа.

Владимир Рендевски, заменик министер за здравство рече дека самото рано откривање е голем успех во лекувањето на овие пациенти. Рендевски се надева дека како Министерство и Влада од ден на ден ќе успеат да го подобруваат квалитетот на здравјето на граѓаните.