
Денеска е Задушница - ден за помен за душа и молитва за упокоените. Она што речиси на секој празник во чест на оние кои се преселени на Божјите небеса се дебатира е изобилието од храна кое се носи на гробиштата.
Свештените лица постојано потсетуваат дека освен леб, пченица и вино, друго не е потребно.
- Мора да се молиме за мртвите. За нив Црковната молитва е вистинска храна, а не рaкија истурена на гробишта, која никому не му треба освен на демони и алкохоличари, велат свештените лица.
Скопјанец на социјалните мрежи ја постави дилемата дали сето ова има некаква духовна смисла.
- Денешниот ден наместо да биде време за тишина и достоинствено сеќавање на тие што веќе не се меѓу нас се претвори во еден голем социјален циркус. Додека народот се трка кој повеќе храна ќе изнесе на гробиштата и кој повеќе свеќи ќе запали ретко кој се прашува дали во тоа има воопшто некаква духовна смисла. Вистината е дека на институциите им одговараат ваквите масовни собири затоа што тие се претворени во чист бизнис. Наместо да се проповеда скромност и вистинска молитва се поттикнуваат ритуали кои бараат само трошење пари. Од купувањето свеќи па се до плаќањето за разни обреди секој чекор на овој ден има своја цена. Се создава лажна слика дека почитта кон мртвите се мери со тоа колку ќе се потроши во храмот, а не со тоа какви луѓе сме станале, пишува овој скопјанец.
- Наместо достоинство денес гледаме панаѓур кој само го затупува народот и му го празни џебот. Институциите со векови го одржуваат овој ред затоа што тој им носи сигурни приходи додека обичниот човек верува дека со тие пари си ја смирува совеста. Најголемата почит кон оние што заминале е да живееме праведно и со чиста мисла а не да учествуваме во претстави кои служат само за полнење на туѓи каси. Особено боли фактот што огромните суми пари собрани од овие ритуали завршуваат во позлатени фасади и скапи возила наместо да бидат насочени кон живите луѓе кои страдаат. Изворната вера отсекогаш била помагање на сиромавиот а не градење деловни империи врз стравот на луѓето од смртта. Додека институциите го бројат профитот вистинскиот дух на човечноста полека се гаси во темнината на суеверието, наведува овој скопјанец за дилемата.
На крајот апелира.
Сетете се на она што го направи самиот Исус кога влезе во храмот и виде како од верата се прави пазар. Во Јован 2 15 16 пишува дека тој направи камшик од јажиња и ги избрка сите трговци и менувачи на пари заедно со нивните жртвени животни. Исус тогаш јасно им порача дека не смеат да го прават домот на неговиот Татко куќа за тргување. Ако Исус денес прошета низ нашите гробишта и храмови за време на овие ритуали сигурно повторно би го зел камшикот во раце. Тој не бараше од луѓето да купуваат свеќи и да носат храна на мртвите туку бараше да ги хранат живите гладни и да бидат праведни. Не дозволувајте вашата тага да биде нечиј профит.