Нападната докторка во Охрид, Лекарската комора со остра осуда на настанот

Лекарската комора најостро реагира и го осудува инцидентот во кој пациент физички нападна лекар на работното место во Општата болница во Охрид.

Оттука искажаа поддршка за нападнатната колешка и благодараност до оние кои реагирале здраворазумно и спречиле поголем инцидент.

Од Лекарската комора велат дека во услови на пандемија која трае веќе речиси две години лекарите секојдневно се наоѓаат под притисок да одговорат на потребите на зголемениот број пациенти, а заканите, како и физичките и вербални напади само го отежнуваат пружањето на здравствена услуга и негативно влијаат на нејзиниот квалитет. Исто така, лекар кој се чувствува небезбедено на работното место не може да биде максимално ефикасен во извршувањето на работите обврски.

Лекарите и пациенти имаат иста заедничка цел, а тоа обезбедување на квалитетна здравствена заштита, што може да се постигне преку заедничко делување и соработка“, порачаа од комората.

Според нив, решението за проблемот може да се побара во побрзо носење на измените на Кривичниот законик. Имено, Лекарската комора подолго време лобираше и активно беше вклучена во измени на законската регулатива со кои нападот на здравствен работник на работното место ќе се смета за напад на службено лице за што јавното обвинителство ќе покренува кривична пријавата по службена должност и за што ќе има кривична одговорност. За ова да стапи на сила се направија измени на Законот за здравствена заштита кои се веќе донесени, како и измени на Кривичниот законик, кои се во собраниска процедура на носење.

„Апелираме пратениците во Собранието што побрзо да ги разгледаат и донесат овие законски измени, кои веруваме дека ќе испратат порака дека насилството не ги решава проблемите, туку само дополнително ги комплицира, поради што во случај на спор треба да се бараат системски решенија“, велат од Лекарската комора.