Наместо притвор – осум дена куќен притвор за напаѓачот на Арсовска

И покрај барањето на Обвинителството за ефективен притвор, Основниот кривичен суд Скопје му одреди осумдневен куќен притвор на С.Љ., осомничен за физички и вербален напад врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. На второосомничениот, исто така со иницијали С.Љ., му се изречени мерки на претпазливост, согласно предлогот на Обвинителството.

„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување мерки за обезбедување присуство против две лица, осомничени за кривично дело насилство поврзано со вчерашниот напад на градоначалникот на Град Скопје, донесе решенија со кои: С.Љ. – осомничен дека вербално и физички ја нападнал оштетената, му се определува мерка куќен притвор во траење од осум дена, со оглед дека се работи за скратена постапка. На второосомничениот С.Љ. – кој се товари дека се заканувал кон оштетената, му се определуваат мерки за претпазливост“, информираа попладнево од Основниот кривичен суд Скопје.

Од Судот додаваат дека странките имаат право на жалба против донесените решенија.

Основното јавно обвинителство Скопје претходно соопшти дека е поведена постапка против двете лица за кривично дело насилство, по вчерашниот инцидент во скопската општина Чаир, каде беше нападната градоначалничката Данела Арсовска.