Најубавите ориентални слатки во Скопје

Слаткарница „Охрид“, која се наоѓа наспроти стоковната куќа „Илинден“ во Старата скопска чаршија, повеќе од 100 години е вториот дом за повеќе генерации за семејството Бајмак. Или како што вели сопственикот, газда Азис, слаткарницата е повеќе од огниште за него, таа е пулсот на неговиот живот.

Традицијата на приготвување на најдобрите ориентални слатки ја почнува прадедото на газда Азис пред 104 години. Тој само се обидува да ја зачува во ова, како што го нарекува, време-невреме.Слаткарницата „Охрид“ е отворена во далечната 1903 година и до денес се наоѓа на истата локација. Многу работи почнале и завршиле, се градело и се уривало, но слаткарница на семејството Бајмак останала на истото место во Старата чаршија. Исти останале и рецептите и тајната за приготвувањето на слатките, кои денес во времето на модерните странски слаткарници можат да се најдат уште единствено тука. Знаете друго место каде што сe уште можете да јадете сутлијаш? Знаете ли што е казандибе? А ашуре? Каде уште во градов може да јадете млечник?

Тајната на ориенталните слатки

Азис Бајмак има 40-годишно искуство во правењето на најдобрите ориентални слатки.
– Кога имав 12 години, по завршувањето на часовите, кога сите мои врсници одеа да играат фудбал, брзав во слаткарницата, која тогаш ја водеше мојот татко, за да помогнам во приготвувањето на слатките. Поминувајќи го така детството, опкружен со сите тие мириси, вкусови, состојки и бои, не ни можев да го заборавам и да не го продолжам занаетот – раскажува газда Азис.
Знаете ли како се приготвува казандибе и што има во него?
– Казандибот или, ако го преведеме, дното од казанот, е слатко што за да го сервирате треба да го превртите одопаку. Само така се послужува – со нескриена радост раскажува газда Азис.


– Токму загорениот дел што бил на дното при печењето сега е на врвот, а под него останува дебелиот бел слој на стврднато оризово млеко. Благоста и црно-белата боја имаат ефект на жлездите за излачување плунка или, со еден збор, веднаш посакувате да изедете едно парче – вели тој.

Ашурето е необично ориентално слатко, зготвено од одлична мешавина на состојки, кои можат да се комбинираат и одделно. Главната смеса е овошно пелте во преубава бордо-нијанса, кое има арома на трендафилче, а во неговата внатрешност се заробени зрна варена пченица, суво грозје и сечкани урми.
Во витрината убаво изгледа и сутлијашот направен од топло млеко и ориз, посипен со цимет? Аромата потсетува на нашите детства, кога секоја наша лутина или немир бабите ги решаваа само со една лажица сутлијаш.

Времето налага да се биде во чекор со она што го бараат луѓето, но секако една работа е постојана и никогаш не се менува – традиционалните слатки.
Затоа, ако наминете кон чаршијата, пробајте ги, секако, ашурето, казандибот и млечникот.

Во џагорот на слаткарницата секогаш се препознаваат по неколку паралелни муабети – на македонски, турски, албански, па и англиски јазик.

Странците им се чести гости, особено лете, а еден од внуците на Азис, работејќи, дофрла дека секое лето доаѓа некој Италијанец и секогаш го купува истиот сладолед, направен по уникатниот рецепт.Во ова време-невреме, кога сите некаде брзаат, во оваа слаткарница ќе најдете малку од спокојството на семејството Бајмак.