Најпрво паднало детето, по него и бабата - нови детали од трагедијата во Кисела Вода

Стабилна е здравствената состојба на девет годишното дете кое синоќа падна од шестиот кат од зградата во скопската населба Кисела Вода, објави Канал 5.

Од она што се знае досега најпрво детето паднало од прозорецот, и за среќа паднало врз трева и на тој начин го ублажило падот, но таква среќа немала неговата 69 годишна баба која паднала врз оградата до самата зграда и починала на лице место. Засега нема детали како се случила трагедијата и која била причината за падот од зградата

Директорот на Клиниката за детска хирургија Лазо Јовчески објасни дека детето е на интензивна нега, има повреди и скршеници на главата, рамото, ребрата и карлицата.

Несреќниот случај се случил вчера околку 19 часот и 40 минути, кога било пријавено дека 69 годишна жена и малолетник паднале од зграда. Од МВР велат дека жената била најдена почината на самото место, а детето било пренесено со брза помош во Ургентниот центар. Засега од МВР велат дека станува збор за несреќен случај и се работи на расчистување на случајот.