Најмногу градежни дозволи, во јули, се издадени во Аеродром, Центар и Карпош

На три месеци пред изборите, во јули биле издадени одобренија за градба на скоро 2000 станови, што е 3 до 4 пати повеќе од просечниот број на одобренија што се издаваат месечно. Најмногу дозволи се издадени во Аеродром, Центар и Карпош, каде актуелните градоначалници нема да добијат нов мандат, пишува „Радио Слободна Европа“

Рекордни 1945 одобренија за изградба на станови се издадени во јули годинава со површина од над 150 илјади квадратни метри, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. 

-Над 70 отсто од овие станови, односно 1397, ќе се градат во скопскиот регион. Најмногу дозволи се издадени во општините за кои е извесно дека досегашните градоначалници нема да останат на функцијата. Скоро 30 отсто од сите одобрени станови ќе се градат во Аеродром, па потоа следуваат Центар и Карпош со по над 200 станови. Владејачката СДСМ одлучи да не ги кандидира повторно актуелните градоначалници на овие општини Златко Марин, Саша Богдановиќ и Стефан Богоев, анализира РСЕ. 

Професор Башким Селани вели дека градоначалниците во заминување ја користат ситуацијата да „завршат сè што планирале“. Слично се однесуваат и министрите пред крај на мандатот, вели тој. 

„Ова е само еден феномен, во сите институции е таква работата и за други дозволи што се даваат или за други постапки. Пет пати може да те изберат за градоначалник, може општината да има 20 милиони евра долг, никој не води сметка за тоа“, вели тој за РСЕ.