Најголемите заблуди за оптимизмот и песимизмот

Оптимизмот се смета за доблест во општеството Постојат многу истражувања кои пронашле врска меѓу оптимизмот и здравјето, среќата и долговечноста. Од детството учиме дека треба да се надеваме на подобро, а на нашиот песимизам никогаш не се гледа благонаклонето. 

Дали работите се баш толку едноставни? Психологот Џули Норем смета дека не се, и дека одредена доза на песимизам понекогаш може да помогне. Во својот авторски текст за порталот „PsychologyToday“ таа ги набројала најчестите заблуди за оптимизмот и песимизмот. 

Заблуда 1 – Луѓето или се оптимисти или песимисти

Не е точно дека луѓето секогаш се само оптимисти или песимисти. Многу често се случува некој, на пример, да има големи надежи за својот работен успех, додека од друга страна, да има мали очекувања во врска со својот љубовен живот. Се’ зависи од темпераментот на личноста и околностите во кои се наоѓа.

Заблуда 2 – Оптимизмот е вроден

Иако ова донекаде е точно, затоа што гените се важни, луѓето сепак имаат слободна волја и можат од искуство да научат како да формираат соодветни очекувања за иднината, а да не отидат во ниту еден екстрем. 

Заблуда 3 – Секогаш е подобро да бидете оптимисти отколу песимисти

Здрава доза песимизам може да биде корисна, особено кога се соочуваме со голема неизвесност. Важно е психолошки да се подготвиме и за лошите сценарија, за да ја избегнеме фазата на шок и разочарување.

Заблуда 4 – Песимизмот ја спречува среќата

Да се биде песимист во некои околности е разумен став и не е толку штетен колку што изгледа. Секако, треба да се разликува одбранбен песимизам и фаталистички песимизам. Првиот штити од заблуди и преголеми очекувања. Фаталистичкиот песимизам од друга страна, не остава место за надеж и создава чувство на беспомошност, и дефинитивно треба да се избегнува.