Најголема „Зара“ во регионот и 20 нови светски брендови, новиот шопинг центар ќе се отвори следната година во Скопје

Во Скопје вчера беше потпишан договорот за најголемиот синдициски заем во земјава во висина од 72 милиони евра со што се заокружува финансирањето за изградба на трговскиот центар „East Gate“ кој е дел од мултифункционалниот проект „Skopje East Gate“.

Трговскиот центар ќе биде најголем во регионот и се очекува да биде отворен до октомври-ноември следната година. Според најавите, ќе ја има најголемата „Зара“ во регионот на површина од 4.700 метри квадратни. Четириесет проценти од површината во шопинг центарот ќе биде со 20 нови светски брендови кои досега не се присутни во државата, а ги има во земјите од Централноисточна Европа.

– Трговскиот центар се проектира да има 12 милиони посетители годишно, а закупиците годишно да остваруваат нето промет од 120 милиони евра. Овој проект се очекува да донесе повеќе од 2500 вработувања пред се во секторот трговија, но и во услужните дејности компатибилни со трговијата, истакна генералниот извршен директор на „East Gate“, Игор Давков.

Покрај шопинг центарот, овој мултифункционален проект во себе вклучува и изградба на високо квалитетен резиденцијален и деловен простор. Вкупната изградена површина изнесува над 500 илјади метри квадратни.