По најавата дека учебници по странски јазици ќе има за сите ученицни, но од следната учебна година, министерката за образование Весна Јаневска денес извести дека најдоцна на почетокот на следната година ќе го распише тендерот за нивна набавка. Јаневска, денес, давајќи отчет за првите 100 дена од новата Влада, рече дека е задоволна од сработеното и најави дека ќе продолжи со исто темпо.
„Набавката на учебници по странски јазици, најверојатно, ќе биде распишана најдоцна во јануари. Тоа значи дека за следната учебна година ќе ги има и учебниците по сите странски јазици“, рече министерката Јаневска.
Минатиот месец од нејзиниот кабинет за „Макфакс“ изјавија дека набавката на учебниците по странски јазици се очекува да чини 500 милиони денари или 8,1 милиони евра.
Учебници по странски јазици во основните училишта нема петта учебна година по ред. Четворица министри, вклучително и сегашната министерка, дозволија учебната година да почне без овие учебници, но одговорност не се бара од никого.