Најавено поевтинување - Маркетите имаат залихи од поскапите производи

Министерот за економија Крешник Бектеши очекува од денеска да почне намалувањето на цените на одредени прехранбени производи поради одлуката на Владата со која производителите на храна ќе добијат субвенционирана цена за електричната енергија.

Бектеши вчера вечер во гостување во емисијата „10 минути“ на ТВ 21 појасни дека од производителите на прехранбени производи ќе треба да им понудат на маркетите нови намалени цени, но дека треба да се има предвид и фактот дека маркетите имаат залихи од претходно.

– Одредени маркети имаат залихи од претходно. Од утре треба да почне намалувањето на цените. Производителите на прехранбени производи од утре ќе почнат да им нудат на маркетите нови цени кои се намалени согласно одлуките за субвенционирана електрична енергија, рече Бектеши.

Најавува и засилени контроли од страна на Пазарниот инспекторат, а ги повика и граѓаните доколку забележат злоупотреби кај трговците, да ги пријават.

Во однос на топлинската енергија, Бектеши соопшти дека се обезбедени доволно количини на природен гас за топланите и дека граѓаните до крајот на грејната сезона ќе бидат во континуитет снабдении со парно греење.