Најавениот концерт на Цеца во Пробиштип неизвесно под кои пандемиски мерки ќе се одржи

Најавениот концерт на балканската музичка ѕвезда Светлана Цеца Ражнатовиќ во „Аква Парк Пробиштип“ неизвесно дали и како ќе се одржи.

Организаторите го најавија како настан кој не смеете да го пропуштите ова лето - “Цеца за 10 години Аква Парк Пробиштип“, а билетите веќе од јули се пуштени во продажба. Концертот ќе го отворат Јоце Панов и Енерџи бенд.

Но, поради новите мерки за заштита од повторниот замав на пандемијата заинтересираните за концертот се во дилема.

Дали ќе има концерт? Дали ќе се примаат и вакцинирани и невакцинирани лица со оглед дека настанот ќе биде на отворено? Што со оние кои купиле карти, а не поседуваат сертификати за примена вакцина? Дали ќе им бидат вратени парите?

Засега организаторите молчат.

На социјалните мрежи бројни се и реакциите дека во вакви околности, кога повторно имаме рапиден раст на бројот на новозаразени, не треба да се дозволуваат концерти на кои се собираат голем број луѓе имајќи го предвид фактот дека новиот бран е резултат на масовни собири и журки на свадби и во туристичките места.

Инаку, во голем број ноќни клубови ширум земјава, продолжуваат настапите на балканските ѕвезди во затворен простор со голем број на гости. Колку и како се почитуват препорачаните мерки за заштита на сопственото и туѓото здравје не се знае!