Награда за партнерска игра за Куртишова и Јорданоски во Црна Гора

Емра Куртишова и Мартин Јорданоски, се закитија со награда на 9. Меѓународен фестивал за кукларство во Подгорица, Црна Гора.

Наградата е за партнерка игра, за нивните улоги во претставата „Палешка“, во режија на Давор Драгојевиќ, со која гостуваа на фестивалот. 

Во претставата покрај Куртишова и Јорданоски, играат и актерите Матеа Јанковска, Марија Ѓорѓијовска, Изабела Новотни и Петар Стојанов.

Претставата „Палешка“ е ново и модерно читање на истоимената бајка од Ханс Кристијан Андерсен, во која главниот фокус е даден на мајчинската љубов и нејзината сила. Претставата допира актуелни теми во современото живеење и растење на децата како и прифаќањето на различноста кај себе и другите, соочувањето со суровоста на светот во процесот на растење и мајчинската љубов која е тука секогаш да нè заштити и спаси од сите тие опасности.