Награда „Стале Попов“ за романот „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски

Романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување за 2022 година. Признанието традиционално го доделува Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) од 1975 година. Претседателката на комисијата, Александра Јуруковска, на денешната прес-конференција информираше дека на конкурсот за оваа награда пристигнале осумнаесет дела од исто толку автори.

Членови на комисијата се Милован Стефановски и Весна Дамчевска Илиевска. Како што рече, по внимателното исчитување на книгите и по неколкуте одржани состаноци, комисијата едногласно ја донесе одлуката наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга за 2022 година да му ја додели на романот „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски. Според образложението, станува збор за слоевито, комплексно дело, кое пред читателот открива неколку светови и мноштво силни пораки. - Андоновски многу свесно, прецизно и луцидно си поигрува со времето и просторот, со временскиот дисконтинуитет, но и со една од вечните човекови опсесии – бесмртноста.

Трите главни приказни се одвиваат во три периоди, со (не)случајни синхроницитети меѓу нив и низ неколку клучни теми: верност, вечност, туѓиот грев и сопствената безгрешност. Играта со постоењето во повеќе времиња истовремено (или во повеќе паралелни вселени) е поткрепена со динамичната нарација, во која нема коинциденција, а истовремено има мноштво метатекстуални забелешки сведени под дилемата - дали нарацијата ни е дадена за да сфатиме дека во исто време сè е и сегашност и минато и иднина? Романот отвора и силни прашања за семиотиката како демонологија, за губењето на невиноста на јазикот и писмото низ пишувањето и говорењето, се вели меѓу другото во образложението на комисијата. Како што се наведува во образложението, „Папокот на светлината“ е возбудливо одгатнување неколкукратно кодирани кодови, отворен дијалог со дела важни за книжевниците, филозофите и теоретичарите, но и со теми важни за читателот без кој не би постоеле ниту текстот, ниту маргините, ниту книгата“ - стои во образложението на комисијата.

Авторот Венко Андоновски во своето видеообраќање на денешната прес-конференција се заблагодари за признанието и истакна дека со оваа награда го заокружува својот романескен опус.

- Прв пат оваа награда ја освоив со „Папокот на светот“ пред цели 20 години, потоа, по десет години со „Ќерката на математичарот“, а по десет години со „Папокот на светлината“. Оваа награда ми доаѓа како некој циклус на десет години, а така доаѓаат и моите романи. Кон Стале Попов негувам исклучителна творечка почит и го сметам за еден од канонските автори на нашиот, македонскиот роман. За „Папокот на светлината“ немам што многу да кажам, тоа е дело кое го пишував буквално како да дишам. Во него ме има многу мене, го има Јан Лудвиг од пред 20 години, но сега веќе созреан во една сосема друга атмосфера и во него се наоѓа севкупното мое животно искуство преточено низ устите на ликовите. Тука е акумулирана и добра литература од морален тип, од знаењето на светите отци, посочи Андоновски.

Традиционалното врачување на наградите за најдобрите остварувања е на 13 февруари, на денот на Друштвото на писателите на Македонија.