Надлежните го исчистија просторот под Железничка, но до кога ќе биде чист не се знае

Во текот на вчерашниот ден, ЈП Комунална хигиена-Скопје спроведе активности за чистење на транспортниот центар под Железничката станица во Скопје, каде што беа отстранети приближно 10м3 отпад од диви депонии.

Овој дел од Скопје е „жешка точка“ кога станува збор за отпадот. Колку и надлежните да го чистат, сметот повторно се натрупува на оваа локација и го надгрдува јавниот простор во центарот на метрополата. 

Несовесни граѓани освен отпад тука често пати оставаат и стар мебел и делови од покуќнина, со цел некој од социјален ризик да си ги подигне овие предмети за дома. 

Од ЈП Комунална хигиена информираа и дека, во организација на Градот Скопје се одвива и акција за генерално чистење на кејот на реката Вардар, во којашто учествуваат сите јавни градски претпријатија.

Во рамките на акцијата се реализира чистење на пешачките и велосипедските патеки, како и рачно миење на целокупниот простор на кејот.

ЈП Комунална хигиена-Скопје повторно се соочува со опожарување на садовите наменети за одлагање на отпадот. Во текот на вчерашниот ден, беа опожарени два контејнера со зафатнина од 3,2м3, лоцирани на главната улица во општината Ѓорче Петров. Опожарените контејнери се целосно неупотребливи и веднаш беа заменети со нови садови, со цел да не дојде до нарушување на динамиката на одлагање и собирање на комуналниот отпад во оваа скопска општина.