Над седум и пол илјади субвенции за инвертери за почист воздух во Скопје

Во последните три години, Град Скопје има досега доделено вкупно 7.530 субвенции за инвертери: 1379 во 2019, 5002 во 2020, и 1667 субвенции во 2021 година, информираa од Грaд Скопје.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов истакна дека во следниот мандат ќе се издвојат еден милион евра годишно субвенции за инвертер клима уреди, односно 4 милиони евра за наредните 4 години.

„Одлучни сме да го искорениме загревањето на нееколошки начин во Скопје и уште повеќе да го намалиме загадувањето“, потенцираше градоначалникот Шилегов.

Шилегов истакна дека ќе се зголемат двојно и субвенциите за велосипеди, односно, следните четири години ќе се доделат 30.000 субвенции за велосипеди.

Благодарение на политиките на Градот Скопје да доделува илјадници субвенции за инвертери, и илјадниците повторно приклучени домови кон централното парно греење, во Скопје има над 10 илјади оџаци што не чадат, и аерозагадувањето бележи континуиран пад, потенцираат од Град Скопје.