
Градоначалникот на Општина Сарај, Мухамед Елмази, преку објава на социјалните мрежи информираше дека на состанок на Кризниот штаб била анализирана актуелната состојба на терен по обилните врнежи од дожд и поплавите што зафатија дел од населените места во општината.
Според објавените податоци, поплавени се повеќе од 30 домови, а екипите на терен интензивно интервенирале и сите зафатени објекти се расчистени.
Во рамки на Кризниот штаб биле ангажирани Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, противпожарните единици од Тетово, Противпожарната бригада на Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, тимови од Општина Ѓорче Петров, НПК Сарај, како и командирот на Полициската станица Сарај.
Во објавата се наведува дека биле разгледани и понатамошните чекори за целосна санација на последиците, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за избегнување на слични ситуации во иднина. Надлежните институции и служби остануваат во состојба на готовност, а граѓаните ќе бидат дополнително информирани за нови случувања.