Националната опера и балет ја отвора сезоната со „Кармина бурана“ на 16 октомври

Во фоајето на Националната опера и балет се одржа прес-конференција по повод отворањето на новата сезона во Националната опера и балет со моќната и возбудлива сценска кантата „Кармина бурана“ од германскиот композитор Карл Орф на 16 октомври како и за богатата програма што ќе следува на репертоарот.
На прес-конференцијата беа присутни: Оливер Арсовски, в.д. директор на НУ Национална опера и балет, Христо Саракинов, уметнички раководител на Опера, Кире Павлов, уметнички раководител на Балет и Бурхан Дибрани, раководител на секторот Маркетинг.

“Националната опера и балет не е Универзална сала. Изминатите години прво се гледало да се даде за изнајмување, па после да има простор за претставите од репертоарот. Тоа веќе нема да се случува. Прво ние ќе го пополниме календарот, па ако има место, ќе ја изнајмуваме за други проекти“, кажа Арсовски. Од јануари, додаде тој, сигурно ќе има по 2 оперски и 2 балетски претстави од железниот репертоар, а сѐ останато ќе бидат концерти, рецитали, претстави на мала сцена.

Ноември ќе биде посветен на одбележување на 100 години од смртта на италијанскиот композитор Џакомо Пучини. На 8 ноември е најавена „Боеми“, на 16 ноември е „Мадам Батерфлај“, на 23 ноември е „Тоска“ и на 29 ноември е закажана „Турандот“. Претставите ќе бидат со странски диригенти и пејачи.