Можен недостаток од јајца пред Велигден најавуваат македонските живинари откако се појави голема побарувачка на европскиот пазар. Живинарските фарми привлечени од големата побарувачка своите сили ги насочуваат кон земјите од соседството и на тој начин се прави притисок кон домашниот пазар. Не оди во прилог и тоа што цената на јајацата Владата ја замрзна до 30 април што за производителите е неприфатливо во услови кога добиточната храна е во пораст.
Големите трговски синџири од регионот бараат јајца дури и без соодветна стандардизација, а Србија, која традиционално снабдува со јајца, сега има повисоки цени од Македонија. Живинарите велат дека претходните години се соочувале со вишок јајца за време на постите, додека оваа година ситуацијата е обратна - побарувачката расте, а понудата се намалува.
Во 2023 година, сличната ситуација ја натера Владата да го ограничи извозот и да ја замрзне цената на јајцата, со цел да се заштити домашниот пазар. Македонија тогаш извезе јајца во вредност од 4,08 милиони долари, главно кон Грција, Кипар, Унгарија, Србија и Хрватска. Оваа година, производителите предупредуваат дека ако побарувачката продолжи со сегашното темпо, може да дојде до недостиг токму во периодот на велигденските празници.
Цената на јајцата во Европската Унија во јануари достигна 249,59 евра за 100 килограми, што претставува зголемување од 10,3% во однос на истиот период од 2024 година. Во Хрватска просечната цена изнесува 242,96 евра, што е годишен пад од 7,7%. Ширењето на птичјиот грип во Европа и пошироко, вклучително и во САД, предизвикува сериозни нарушувања во живинарскиот сектор. Оваа болест, присутна од 2022 година, продолжува да предизвикува проблеми во Италија, Полска, Франција, Португалија, Германија, Велика Британија и други земји.