На скопјанец му пукнал филмот: Дал две илјади денари мито и ги пријавил полицајците во МВР

Министерството за внатрешни работи информира дека вчера во 18.12 часот во Полициската станица Чаир, Б.Б.(34) од Скопје пријавил дека околу 14.45 часот на ул.„Македонскo-косовска бригада“ со неговото возило „опел зафира“, во кое бил со З.М., бил сопрен од тројца полициски службеници.

- Според пријавеното, тие му побарале документи и откако им рекол дека не ги носи го информирале дека треба да плати казна од 500 евра и дека возилото ќе му биде одземено, а ако не сака да плати казна да им даде 50 евра да се почестат. Како што е пријавено, тој им дал 2000 денари, по што ги пуштиле да си заминат. По преземени мерки било констатирано дека станува збор за полициски службеници од Полициското одделение Шуто Оризари, кои биле на должност, но не биле на местата на кои биле распоредени, информираат од полицијата. 

За случајот е запознаен Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.