На кафе со Тино Костадиновски

Актер во Театар комедија, иден сноу борд инструктор

Како изгледа едно утро на Тино Костадиновски? Дали имаш некои утрински ритуали?

Во моментов сум на планина веќе подолго време, а утрата на планина како што знаеме се незаменливи, палиш оган, правиш чај на огнот па доручек, излегуваш надвор дишеш воздух. Несекојдневна промена за разлика од Скопје.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Мамурлак, па кафе, па Вардар со цела своја прљафштина, живеам до него и секое утро ми почнува со Вардар и мислата зошто толку загадуваме. Малце мрачно како за наутро ама реално :)

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Секогаш кога има репертоар во театар, кога будам насмевки и самиот сум среќен.

Омилена скопска викенд дестинација?

Водно, класика. Во последно време го форсираме и Кучково има многу недопрена природа, се уште и по некој џип од гранична полиција.

На Скопје му недостасува…

Луна Парк, бордел, метро, легализација на марихуана, дрва, кислород....

Скопје во само три зборови…

Град на страв, полиција и добар рап.

Какви се скопјани како театарска публика?

Може да биде најдобар другар или најголем хејтер. Интересно е што публиката во Скопје или те сака и те прифаќа или те мрази и никогаш нема да и се допаднеш. Нема средина. Публиката во Скопје доаѓа во театар за да избега од Скопје.

Кои се твоите силни страни како актер?

Тимски играч, плејмејкер, одличен шутер, и болен по театар.

Се соочуваме со глобална здравствена пандемија, како се прилагоди на новонастаната  ситуација?

Едвај некако, уште се прилагодувам, пробувам хобито да ми стане професија. Еве сега ќе станам сноу борд инструктор така да кој сака да научи нека ме побара смеењето ќе биде гратис. :)

Какви работни предизвици те очекуваат во наредниот период?

Има најави дека на почеток на февруари ќе отвориме театар, една готова нова претстава чека да има премиера, ја работевме септември, уште една е во тек, со Атанас спремаме емисија, ток-шоу, ќе се вика Искрено со Тино и Атанас.