На кафе со Радмила Живановиќ

фото: Борче Поповски

Лиценциран психолог-психотерапевт во Психотерапика

Како го започнувате денот? Дали имате некои секојдневни утрински ритуали пред да започнат работните ангажмани?

Денот го започнувам со подготовка на децата за училиште и градинка, и секако кафе на раат со сопругот и кучето откако ќе завршат утринските родителските обврски, на тераса, на сонце, кога дозволува времето. Понекогаш сакам да се истегнам, понекогаш сакам да читнам нешто да ме инспирира. Се обидувам да не вклучувам телефон веднаш, некогаш ми успева, некогаш не. И, започнува денот како и грижата со клиентите и нивните значајни дилеми. Утрата дефинитивно ми се поголемо уживање од уморните вечери.

Која е вашата асоцијација на скопско утро?

Живеам на 15ти спрат, така да асоцијација на скопското утро ми се скопското небо, сонце, ширина, Водно, планински врвови на Шара, и долгиот поглед на Партизанска.

На Скопје му недостасува...

Простор, воздух, свежина, радост и дух...

Како би го опишале Скопје со само три зборови?

Семејство, пријателства, кариера.

Една година како го живееме новото “нормално”, Covid-19 драстично ни го промени секојдневното функционирање. Како според ваше стручно мислење скопјани се справуваат со пандемијата, ограничено движење, мерки, страв...?

Мислам дека веќе сите се навикнавме на новото однесување во време на пандемија. Прашањето е како ќе се однесуваме кога овие ограничувања нема да постојат повеќе или во толкава мера. Забележувам дека луѓето држат дистанца, но не се откажуваат од случајната комуникација, и дека имаат потреба да разменат и поразговараат едни со други. Барем јас се осеќам така. Стравот иако не прави претпазливи не не парализира во целост и иако го менува животот, сепак не одземал се. Помина доволно време на живот во вакви условите така да моменталното функционирање веќе доволно е нормализирано. Иако постои незадоволство и носталгија за старото време, во надеж сум дека наскоро оваа ситуација ќе помине. Како и сите ние, потајно си ги шепкаме желбите за промена и некакво олеснување.

Дали е зголемен бројот на луѓе кои бараат поддршка или се уште се бориме со предрасудите за посета на психолог?

Бројот на оние кои бараат помош е значително зголемен, но во исто време и за жал, психолошката помош се уште е привилегија на оние кои можат да си ја дозволат. Начинот на нудење на психолошка помош е променет, па и самите психолози и психотерапевти се адаптираа на промените.  За време на пандемија, посебно на почетокот, психолозите настапија доста активно во однос на вознемиреноста и стравот кој се изгенерира од самата ситуација и беше организирана бесплатна психолошка помош за сите погодени од пандемијата. Психолозите навистина истапија и понудија помош во форма на интервенција во криза, психолошко советување, психотерапија и психоедукација. И сметам дека со новите скандали кои испливуваа на површина, како на пр. Јавна соба, се уште се наметнува потреба од сериозно адресирање на менталното здравје на граѓаните.  Посебно за ранливите категории на граѓани, оние кои се најмногу погодени од промените, како и оние кои не можат да си приуштат психолошка поддршка и помош.

Кои начини, чекори би ги наброиле за подобро справување со ситуацијата? Како да останеме смирени, да го победиме чувството на страв, неизвесност, несигурност?

Секој си го познава сопствениот страв и реакцијата на тој страв. Многу од поттиснатите и неиспроцесирани емоции испливаа на површина и наметнаа потреба за решавање и справување со истите.  Настаната ситуација од нас побара активирање на капацитетот за адаптација и преживување. Донесе многу страв и анксиозноста, очајот и бездушноста. И покрај тоа сметам дека нема подобар рецеп од пронаоѓање на сопствениот рецепт. Во секој случај физичкото придвижување и активностите на смирување на автономниот нервен систем, пронаоѓање на извори на секојдневна радост, промена на начинот на кој размислуваме и гледаме  на ситуацијата, фокусирање на работи кои можеме да ги контролираме, адресирање на сопствените потреби и искористување на она што го имаме како можност, повторување и задржување во активности кои не радуваат и исполнуваат, е значајно во соодветно адресирање на сите нус ефекти во справувањето со стресот од пандемијата и непосакуваните промени.

Голем е бројот на деца кои долг период се затворени дома, не посетуваат градинка, настава следат онлајн, дружењата со врсниците им се скратени, игрите и родендените се скроз изменети. Ситуацијата трае долго, а завршување на пандемијата не се очекува наскоро. Како да им го олесниме постојаниот престојот дома и на децата но и на родителите?

Дефинитивно децата се наоѓаат во многу незавидна ситуација, посебно оние кои целосно ја следат наставата онлајн, кои оваа година прават огромни промени во програмата, запознаваат нови наставници, се адаптираат на нови училишни услови.  Потребно е да се намалат очекувањата во однос на нивните училишни постигнување и од родителите и од наставниците, да се сочувствува со се она што ќе се појави како реакција на ситуацијата, и да им се овозможи повеќе физички контакт и активности во кои ќе можат да уживаат и да се релаксираат, да им се обезбеди сигурен контакт, а не да се демонизира секаков контакт. Децата се многу склони да го соматизираат и сопствениот и стравот на родителот. Затоа е многу значајно и родителите да ги адресираат сопствените стравови и вознемиреност, затоа што таа многу лесно се прелева на децата.  Семејствата дефинитивно периодов се под огромен стрес, без разлика дали од дома родителите работат или одат на работа. Ресурсите на поддршка се намалуваат за сите, децата се многу ограничени во физичкиот и социјалниот контакт, некои успеваат да искомпензираат, а некои не успеваат, некои се позасилено се поврзуваат со технологијата и на тој начин бараат излез за ситуацијата. Родителите и наставниците се оние кои треба да најдат начин да ја разберат ситуацијата за децата и да се обидат да им искреираат простор да се изразат, да го изразат сопственото незадоволство но и да креираат сопствени решенија наместо да се борат со наметнатите разбирања и решенија. Потребно е да се поддржуваат моментите на радост и задоволство, и да се учествува во нив, да се изградат нови и позитивни ритуали на семејно комуницирање, како и да се поддржи емоционалната експресија и регулација на еден корисен и дозволен начин.

За крај, како до подобра грижа за менталното здравје во услови на глобална пандемија?

Веќе го донесов ова во претходниот одговор. Менталното здравје во време на пандемија е исто толку значајно како и физичкото здравје. Сега повеќе од кога и да е, ги чувствуваме ефектите на психичко занемарување за сопствениот раст и развој, за сопственото ментално здравје. Пронаоѓање на начини како да ја реализираме сопствената ментална хигиена е значајно. Вклучување во активности кои не привлекуваат и ни се забавни, оддржување на контакт со оние кои позитивно влијаат не поддржуваат и разбирааат, како и наоѓање на смисла во се ова што се случува значајно придонесува во нашиот поздрав однос кон ситуацијата. Помислете за момент, што е она што кај себе поддржувате или која е онаа душевна храна со која сакате да се храните периодов, каков избор правите и на што најмногу го ставате вашето ценето внимание. Повеќе нема изговор за нашата негрижа за себе, затоа што во грижата за себе лежи одговорот на проблемите, како и во активирање на нашите системи на лична и социјална поддршка.