На кафе со Олгица Ѓоргиева

Македонска модна дизајнерка која ја освојува Европа. Уметник кој инспирација за својата работа наоѓа во секој дел од градот.

Како го започнуваш денот? Со кого го пиеш првото кафе?

Утрото е едно од моите омилени делови од денот, особено првото утринско кафе. Станувам секој ден во 6 часот и во времето додека да отидам на работа имам повеќе ритуали и си уживам секој ден. Особено што тоа прво кафе го пијам најдолгo и тоа на некој начин за мене е ментална поврзаност, затоа што во тоа време мозокот ми работи многу, за секој аспект од животот. Во овој период во принцип ги правам најголемите планови генерално за се.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Прва асоцијација на Скопско утро, прва мисла која ми помина низ глава беше рутата која ја одев до работа во моето претходно ателје. Луѓе по улица или на семафори, со различни изрази на лице, различни емоции, секој со својата приказна, по малку заспани по малку замислени , по малку возбудени...од се по малку!

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Мислам дека пролетта. Некако буди една поинаква животна енергија во мене! Иако морам да признаам дека јас си го сакам животот и многу малку мојата емоција и мојата состојба ја врзувам за временски период од годината! Пробувам да уживам и да најдам убавина во секое годишно време!

Дали постојат локации во Скопје кои се извор на инспирација за тебе како креатор?

Јас инспирација пронаоѓам насекаде, но постојат места каде што можам да седам и да размислувам со саати за таа инспирација. Генерално тоа се места во Старата турска чаршија каде и поминувам голем дел од моето време.

На Скопје му недостасува…

Бидејки јас сум уметник и работите ги гледам од тој агол, генерално, во секој сектор од живеењето, мислам дека му недостига Естететика на повеќе различни нивоа.

Скопје во само три зборови…

Шаренолик, меланхоличен, едноставен…

Во текот на оваа година беше работно ангажирана и надвор од нашата држава, работеше на костимографијата на неколку европски балетски претстави. Што те очекува оваа есен?

Благодарна сум за сите искуства до сега што ги имав на професионален план, но секако не застанувам тука. Многу планови и идеи имам во наредниот период. Повеќе или помалку агендата е направена. Веќе започнав со процедурите за реализирање на истите така да едно по едно ќе се решаваат. Се наоѓам во прекрасна креативна фаза од која секако ќе излезат прекрасни и креативни дела.