На кафе со Миљана Ристиќ

Маратонка, победник на неодамнешната „Авицена женската трка“ која се одржа во Скопје

Како изгледа едно утро на Миљана Ристиќ? Дали имаш некои утрински ритули?

Секое утро ми започнува речиси исто, се будам во 6 часот. Откако ќе се расонам, се припремам  и одам на предвидениот тренинг. Кога ќе го завршам тренингот, немам многу време за одмор, набрзина се спремам и го припремам мојот секојдневен и вкусен доручек, за потоа да отидам на работа.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

На скопско утро ме асоцираат неколку работи: изгреј сонце, кејот на реката Вардар и утринските тркачи.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Дефинитивно Април, бидејќи е најдобар период од годината во Скопје за тренинг. Воедно и мирисот на расцутените дрва и убавата природа.

Омилена скопска викенд дестинација?

Водно и парк-шумата Гази Баба.

На Скопје му недостасува…

Зеленило и повеќе спортски терени, во конкретниот мој случај атлетски стази и затворена сала за атлетика.

Скопје во само три зборови…

Хумано, забавно и историско

Миљана од каде љубовта и страста кон атлетиката и трчањето? Кога трчањето од рекреативно премина во професионално?

Љубовта и страста кон трчањето се родија сосем случајно, тоа се случи кога мојот другар ме покани да трчам на една трка. Иако се двоумев дали да одам на трката, бидејќи трчањето воопшто и да не го практикував, сепак одлучив да одам, и од тука започна се.. Со текот на времето и соодветните тренинзи почнав да напредувам и собирам искуство. Станав репрезентативка на Македонија, и една од фаворитките за првите три места на трките кај нас. Сепак не можам да кажам дека сум професионалец во овој спорт, бидејќи не заработувам од ова, само сум посветена и заљубена во овој спорт, а тоа ме прави да сум полупрофесионалец или што би се рекло посветен аматер.

Се соочуваме со глобална пандемија која драстично влијае на животот на сите нас. Дали и колку новонастанатата ситуација донесе и нови навики во работењето и секојдневното реализирање  на обврските?

Ситуацијата со која сите ние се соочуваме секако дека влијае на моите секојдневни обврски и навики, но не во голема мера. Пробувам да најдам соодветен баланс и останам смирена. На почетокот од пандемијата работев од дома, како и повеќето од нас. Во тој период  активно продолжив со тренажниот процес како и порано, со цел да ја одржам формата.  Сега откако работите малку се смирија, речиси се вратија истите навики кои ги имав и пред пандемијата.

Со оглед да тренирам четири години, сметам дека имам простор за напредок.

Зад себе имаш одлични достигнувања и супер резултати, во кој правец би сакала да се развива твојата кариера? Која е следната цел?

Целта ми е да си ги подобрам личните резултати на сите дисциплини кои моментално ги трчам, за да во иднина се посветам на маратоните.