На кафе со Марија Ивановска, дел од Еye Cue

Марија Ивановска, дел од македонската поп-рок дуо група Еye Cue. 

Како изгледа едно утро на Марија Ивановска? Дали имаш некои утрински ритуали?

Сега веќе утрата ми изгледаат малку поинаку бидејќи се преселив во Англија и ми почнуваат со чај наместо со кафе хаха :) Обично навивам аларм за да можам да станам порано и кога ќе ми се вклучи аларамот го ставам на „снуз“ за да се доспијам уште 15 минути и тоа е мојот прв ритуал J Потоа следи средување за престојниот ден, понекогаш кафе ако ми треба повеќе време да се расонам па овошје и доручек. Во оваа околина природата е прекрасна, луѓето се многу приемчиви и срдечни и секогаш те поздравуваат особено наутро и тоа некако ми го прави денот.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Изгрејсонце, звукот на птиците, бучава од сообраќајот и луѓе што брзаат да стигнат на време на нивните дестинации.

Омилена скопска викенд дестинација?

Најчесто за викенд гледам да сум надвор од Скопје бидејќи низ Македонија има многу убави места кои чекаат да бидат посетени и изуживани како што треба. Зимски период сум најчесто по планини, а летниот и планини и езера. Ако баш треба да издвојам викенд дестинација во Скопје, тоа е Водно.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Дефинитивно пролет. Најсвеж воздух, најубава температура и најжива природа.

На Скопје му недостасува…

Свежина, отвореност и повеќе уметност.

Скопје во само три зборови…

Носталгичен, љубовен и забавен.

Не ретко песните на Eye Cue се авторско дело на Бојан, но колку Марија има влијание на музиката која ја создавате? Дали пишувате заедно?

Во последно време и јас се вклучив во создавање на нова музика, некои нови идеи кои се уште не се испромовирани. Повеќето се и на англиски јазик и мислам дека во  блиска иднина ќе бидат токму тука реализирани и испромовирани. Досега многу често сум учествувала и придонесувала на веќе сработените проекти во однос на продукцијата, аранжманите и понекогаш во текстовите на песни кои се веќе големи хитови во Македонија.

Кога не создавате музика, како го поминувате слободното време, што правите за забава?

Патуваме, спортуваме, се дружиме со пријатели, гледаме филм и понекогаш и слушаме нова музика :)

Колку созреа како бенд Eye Cue изминативе години?

Отсекогаш сме гледале да ги прошириме нашите видици и нашето музичко размислување. Постојано се апдејтираме со нова музика, нови правци и нови звуци од светот. Едноставно не застануваме во една точка и сакаме да експериментираме максимално со нашата музика. Сметам дека најголемото созревање за нас како музичари се случи минатата година по Евровизија и по престојот во Лондон. Се изложивме на најразлични влијанија, видовме и слушнавме огромен број на нови артисти и нова музика која и те како ни влијаеше на инспирацијата и процесот на создавање и реализирање на понатамошните проекти. Всушност тоа може да се забележи од нашите музички изданија од последните 3 години.

Дали COVID-19 и периодот кој го поминавме во карантин беа идеален период за креативно остварување?

Дефинитивно го имавме целото време на светот да ги изреализираме нашите музички планови и всушност тоа и го направивме. Снимивме неколку песни кои чекаат ред да бидат испромовирани во вистинско светло. Морам да признаам дека беше доста тежок период и не беше многу инспиративен со оглед на настаните и потешкотиите со кои се соочувавме како последица на вирусот и мерките кои се спроведуваа во однос на истиот.

Какви ангажмани те очекуваат оваа есен? Дали може да очекуваме новини од Eye Cue?

Како што кажав и претходно, само што се преселивме во Англија и веќе почнуваме да работиме на нови проекти за кои соработуваме со доста искусни и интересни соработници и луѓе од музичката фела. Мислам дека оваа есен ќе биде повеќе ориентирана кон снимање и работа во студио бидејќи настапите во живо се се уште невозможни поради целата ситуација.