На кафе со Марија Димишкова

Дама која 9 години со страшно позитивна енергија ги буди скопјани на 90.8. Истакнат тренер за јавно говорење. Скопјанка која ги обожава Водно, Дебар Маало и Градски Парк.

Долг период сте водител на утринската емисија на Урбан ФМ. Во колку часот Ви започнува денот? Дали имате некои утрински ритуали кои задолжително ги правите пред влегување во студио?

Речиси 9 години, денот ми почнува пред 7 часот. Нема ништо поубаво да се будиш паралелно со градот. Секое утро ми почнува со вода, позитивни мисли и многу насмевки. Се трудам енергијата да ја внесам во студио и да ја пренесам на слушателите. Посебно задоволство е да го будите Скопје на 90,8.

Која е вашата асоцијација на скопско утро?

Веројатно, на сите ни е сообраќајниот метеж, лутите возачи и измешаната слика на градот во периодот помеѓу 7 и 9 часот наутро. Мои омилени асоцијации ... со секое ново скопско утро се раѓаат нови почетоци, а со тоа и нови можности за среќа во денот. Мирисот на тазе печиво, моите омилени колеги од радио кои на секое утро му даваат среќна димензија и омилената музика без која не можам да го замислам утрото.

Во кој период од годината Скопје Ви мами најмногу насмевки?

Прво на памет ми доаѓаат пролетните мириси, на липа и јоргован. Го сакам Скопје во пролет кога Партизанска, Дебар Маало и Градски Парк ми се омилени места за уживање во бои и мириси. Скопје ми мами насмевки речиси секогаш, освен во деновите кога ми недостасува чист воздух за дишење.

Викендите во Скопје се посебни затоа што..

Викендите се создадени за опуштање. Моите се резервирани за искачување на Водно со мојата најдобра другарка, една од омилените заеднички активности. Водно ме смирува по напорната недела и ме полни со енергија за неделата што следува. Сакам добар филм и книга за викенд и некоја релаксирана дружба со пријателите.

На Скопје му недостасува…

Чист воздух и повеќе зеленило. Поголема толеранција, култура и свесност меѓу нас луѓето во Скопје. Имам чувство, последниве години како да изгубивме интерес за градов. Се помалку љубов му даваме.

Скопје во само три зборови…

Дебар Маало, Градски парк, Водно

Кои се вашите следни работни ангажмани, на кои проекти ќе работите оваа есен?

Оваа есен сум фокусирана на тренинг програмите во Центарот за јавно говорење. Од октомври стартуваме повторно со групните програми кои ќе бидат фокусирани на трема од јавен настап, унапредување на говор на тело, чекори во создавање на успешен и квалитетен говор, како и усовршување на моќта на гласот. Мора да напоменам дека оваа есен ќе имаме и гости експерти од различна област кои ќе работат со нашите учесници.