На кафе со Кристина Арнаудова

Посветена мајка, пејачка и голем хуманитарец кој преку своето Здружение “Проект Среќа” се бори да ја врати насмевката на дечињата и младите со помалку можности.

Како го започнуваш денот? Дали имаш некои утрински ритуали?

Ги припремам децата за градинка и училиште, трчаница е по дома, стануваме секогаш рано, пред 7 често, па сум вечно ненаспана, хахаха. Кога сите ќе излезат си варам кафе без шеќер, седнувам на тераса и си го пијам во тишина. Потоа се спремам за работа, во Проект Среќа, излегувам, или ако имам работа само на компјутер, останувам дома и работам од дома, како денес на пример. Особено во вакви дождливи денови, тоа ми одговара најмногу.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Магла и сивило во зима и сонце и убавина во пролет и лето.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Пролет секако, Скопје е најубаво во пролет и рана есен, во сите бои, прошарано, разиграно....Го сакам градов.

На Скопје му недостасува...

Зеленило? Воздух? Човечка свест за околината? Емпатија? Подобар јавен превоз....Се ова.

Скопје во три збора...

Едно е Скопје.

Основач и претседател си на Здружението за хумано општествен развој “Проект среќа”. Здружение кое неуморно работи на  подобрување на квалитетот на животот на децата и младите. Дали имаш проект од досега реализираните кој ти е посебно драг?

Сите проекти, се мои авторски, излезени од срцето, направени со многу љубов. Ако морам да издвојам тоа би била ,,Првата конференција за деца со помалку можности - самит на детски желби,, . За жал оваа година не добивме поддршка да ја реализираме, но тоа е проект на кој ќе обрнам најмногу внимание во иднина и ќе се потрудам да го претворам во глобален и голем настан, каков што заслужува да биде.

На кои проекти ќе работи Здружението во наредниот период?

Оваа нова година за прв пат нема да го работиме нашиот најпопуларен проект ,,И јас сум Дедо Мраз,, . Тоа е многу голем, захтевен и обемен проект, кој бара и големи финансии за реализација. За жал немаме добри искуства со донатори во овој проект, секогаш даваме наши средства за да го реализираме како што сме го замислиле, па затоа оваа година ќе го прескокнеме, на наша голема жалост.

Почнавме со зимска донаторска акција на зимски детски алишта, потоа почнуваме со детската новогодишна престава ,, Писмо за Дедо Мраз,, кое нашето детско драмско студио ,,Неверленд,, ја припреми за сите деца, а во тек е снимање на новогодишна песна во која ќе учествуваат децата од улица и деца со помалку можности. Работиме без престан, па во секој момент имаме по најмалку два активни проекти...Училиштето за музика и уметности почна со активна работа, така да кај нас е секогаш еден позитивен хаос , хахаха.

За крајот, дали подготвуваш нешто ново на музички план?

За жал не, работата во Проект Среќа одзема многу време, а и моите деца се во возраст кога имаат многу обврски и барања, а денот има 24 часа. (се смее)