На кафе со Ивана Хаџиванова

Психолог, Гешталт психотерапевт, Криминолог.  
Полна со енергија, шармантна, посветена. Личност за која во градот многу позитивно се зборува.

Како го започнувате денот?

Со добро истегнување на телото најпрвин, но и со позитивна мисла и одлучност да имам убав и максимално искористен ден. Во моите утрински навики се и чаша вода со лимон за рехидратација после спиењето и утринскиот туш кој ме освежува и буди. Секако тука е и пиењето кафе, како потреба и ритуал, односно неизоставен дел и уживање во секое мое утро.

Со кого го пиете првото кафе?

Утринското кафе го пијам сама и молчејќи, тоа ми е значајно време за контакт со себе и спокоен почеток на денот. Потоа ми следат припремите за работниот дел од денот. Второто кафе го пијам во мојот кабинет за психотерапија, заедно со некој од моите клиенти.

Во кој период од годината Скопје Ви мами најмногу насмевки?

Најсреќна и најенергизирана сум во пролет и лето. Го сакам многу сонцето и на пролет ме буди мене, а мислам дека го буди и разубавува и Скопје. Во тие периоди Скопје најмногу ми се допаѓа и најмногу се движам низ градот. Од друга страна пак, најмалку ја сакам зимата и многу ладното време, па тогаш сум повеќе повлечена во домот со книги и тв серии.

Викендите во Скопје се посебни затоа што…

Викендите ми се посебни бидејќи одмарам од работната недела и уживам во дружбата со вкусна храна и пијалок заедно со моите драги пријатели, во омилените скопски ресторани и клубови. Овие денови често ги користам и за посета на некои од културно-уметничките настани организирани во нашиот град, но и за искачување на Водно или спортски активности поред кејот, местото каде што тоа го правам уште од детството.

На Скопје му недостасува…

Чист воздух за дишење! Има и многу други работи, ама без се друго можам. Интензивно и секојдневно ми недостига нешто најосновно, да можам да земам здив и да наполнам гради без грижа дека тоа што го вдишувам во своето тело е токсично за мене и сите нас! Жал ми е што Скопје се гуши, и на Скопје многу му недостасуваат чистиот воздух, зеленилото и парковите кои исчезнуваат, и многу од нив ни стануваат се повеќе само детски спомени.

Колку скопјани работат на себе? Дали сеуште постојат предрасуди за посета на психолог?

За жал, да, сеуште има предрасуди, но со текот на годините се помалку. Јас како професионалец од областа со години вложувам многу личен труд и време во целта да се тргнат стигмата и предрасудите врзани за менталните болести и посетата на стручни лица од областа на менталното здравје. Драго ми е дека трендот на покачување на свесноста во овој аспект континуирано расте. Последниве години скопјани, но и луѓето од целата наша земја, се повеќе имаат храброст и слобода и го надминуваат срамот и стравот, па си бараат стручна помош за превенција и третман на своето ментално здравје и совладување на животните кризи.

Кои се вашите следни работни предизвици?

Во моментов сум во подготовка на еден многу важен предизвик за мене, а тоа е обука која ќе ја спроведам во ноември за време на Деновите на психологијата, организирани од нашата Комора за психолози. Обуката ќе биде наменета за стручни лица од областа на менталното здравје, конкретно психолози и психотерапевти, со цел да го пренесам своето искуство и професионално знаење, стекнато од соработката со здружението за лица со ретки болести “Живот со предизвици’’.  Целодневната обука ја организираме со многу важна цел, а тоа е да создадеме мрежа на обучени психолози и психотерапевти, во колку што може повеќе градови низ целата држава за давање на психолошка поддршка и психотераписка работа со овие лица, бидејќи станува збор за категорија на луѓе-борци кои се соочуваат со ретки медицинска болести и животни предизвици, што ја афектираат и нивната психолошка состојба и генерална животна ефикасност.

Во овој период само што започнав и со спроведување на уште еден нов проект во соработка со Центарот за јавно говорење, а тоа е викенд тренинг за совладување на тремата  и стравот од јавно говорење. Првиот тренинг го одржавме минатиот викенд и мина одлично! Заинтересираноста за тренингот е огромна, знаењето од истиот е применливо на повеќе категории на луѓе, а фидбекот од учесниците беше одличен, па ќе продолжиме со организација на вториот тренинг кој веќе е закажан за наредниот викенд.