На кафе со Искра Донева

Поетеса, хуманитарец, активист. Искра е херој. Пример за вистински борец кој неуморно се бори со ова наше сурово општеството.

Како изгледа едно утро на Искра Донева?

 Има разлика дали е летно или зимско. На зима побавно функционирам оти студот ми ги зголемува спазмите и ми ги замрзнува и кочи мускулите... Обично се будам уште во мрак, помеѓу четири и пет часот, за да имам доволно време да се подготвам. Мачето бара да се погалиме, да го нахранам... По него, јас сум на ред :) Бавно ги завршувам своите утрински ритуали во тоалетот, кујната и слично. Се облекувам со многу труд и трпение поради ограниченоста на движењата и непослушноста на мускулите и мозокот предизвикани од церебралната парализа, но и со желба да изгледам стилски, убаво и комфорно целиот ден. Следно си подготвувам јадење за во канцеларија, материјалите што треба да ги понесам со себе и го собирам отпадот за фрлање. Потоа, бидејќи немам асистент, отварам врата и чекам да помине сосед, за да ми помогне да слезам по скалите. Живеам во зграда во која што нема лифт, има многу стрмни високи скали, мермерни, од кои што буквално се сопнувам и нагоре и надолу и тие се мојот најголем предизвик во текот на денот. По скалилата неопходно е да ја совладам и стрмната рампа, која што не е баш пријателски настроена кон моите помагала и количка. Откако ќе се симнеме по скалите, го чекам организираниот превоз за лица со попреченост да ме однесе на работа. Додека го чекам превозот, со задоволство ги поздравувам соседите кои минуваат и ги носат своите дечиња во градинка, како што некогаш го правевме тоа со мајка ми. Нивните убави и искрени насмевки бескрајно ме греат во студеното утро, а ако пак на мојот поздрав возвратат со некое убаво бисерче или насмевка ми го разубавуваат целиот ден. Обично стигнувам порано на работа, меѓу првите, па така имам некоја минута време да се загледам во паркот, во зеленилото што ме опкружува. Потоа, со утринско кафе ги започнуваме утринските обврски со мојата колешка.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Одредени мириси, звуци, луѓе, магла. Скопје ги буди моите сетила со липите, јоргованите, магнолиите, костените, црцорот на птиците испрекинат од нервозните сирени на возачите што брзаат, продавачите на ѓевречиња, маглата што му тежи зиме, бунтовниот Вардар...

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

На пролет и лето, иако секоја сезона има магија и плете своја приказна.

Скопје во само три зборови…

 ЛЕГЕНДА, СТАМЕНОСТ, ДУХ...

Искра ти си херој, пример за вистински борец кој неуморно се бори со ова наше неретко сурово општеството. Од каде доаѓа таа твоја голема издржливост, што те мотивира, што те бутка напред?

Вие велите херој, јас велам само обична Искра, оти толку сум свикнала на состојбата, што повеќе не ни забележувам колку труд и енергија вложувам во секојдневието, што се ми се случува, колку доживувам и правам за 24 часа, оти го сакам животот, ко дете му се радувам и оттука вредат сите жртви, за да уживам во неговите мали големи чуда. Често тоа е напорно, се правам сама, па во последно време знам да кажам дека паралелно ги живеам и „Терминатор“ (кога од напор при движењата си ги изместувам и сама си ги местам зглобовите и продолжувам напред решително), „Умри машки“ (кога наспроти сите болки, предизвици, случувања и неправди со кои се соочувам, се исправам и не се откажувам) и „Невозможна мисија“ (кога со искрена САМО-ДО-ВЕРБА ги остварувам нештата за кои другите мислат дека се невозможни). Сепак морам да нагласам дека и една „СУПЕР ЖЕНА“ ко мене понекогаш има потреба од одмор, поддршка и прегратка... Криптонитот што општестествените слабости ми го ставаат околу вратот, воопшто не е лесен за носење, иако тоа го правам со насмевка. Покрај сите мои дела, активности, проекти, интервјуа, добронамерни укажувања, се уште има толку слепост и глувост пред кои напати се чувствувам немоќна, невидлива и непризнаена. Но продолжувам со искреност и љубов... Избирам добрина и среќа...

Што му недостига на Скопје? Што се треба да се промени за да се олесни секојдневниот живот на лицата со парализа?

-Проект за пристапност на градот (соодветни тротоари, рампи, лифтови, тоалети, семафори, држачи итн.), мапирање на (не)пристапните патеки, места, објекти, почитување на прописите за пристапност при градба, неузурпирање на обележаните паркинг места за хендикепирани, подобрување на јавниот превоз, способни, одговорни и мотивирани асистенти, вработени со полно работно време за сите кои имаат неопходна потреба од нив. Општа свест, култура и сочувство да си помагаме која би се учела уште во градинка, оти животот е непредвидлив и се може да се случи секому...

Автор си на девет поетски книги, дали може да одвоиш еден стих од твоите дела кој најмногу те опишува лично тебе?

Всушност е цела песна, ја напишав на 12 години, но и денес е моја химна и метафора за мојата личност:

Галебот

 Се е мирно,

мислите залутале,

но галебот во мене не мирува,

тој се вивнува во височините

за неотповикливо да ги освои

со својот возвишен лет.

 

И како само крилјата ги шири,

и замавнува со нив,

заграбувајќи дел по дел

од бескрајната небесна шир,

ко виртуоз што со занес плени.

 

Ветрој му пркосат,

слобода мила и живот безгрижен

во вртлози да сомелат,

но тој е безстрашен в таа шир

што за него живот значи. 

Искра, што е она што силно посакуваш да ти се случи во иднина?

 И едно хаику за мојата иднина: „Сакам да стојам

                                                               со раширени раце

                                                               сред класје жито. “

Посакувам рехабилитација и третмани во Москва за да застанам сама на нозе, да проодам.

Блиската иднина си ја замислувам во топол дом, адаптирана куќичка, каде ќе можам полесно да функционирам, да вежбам, да творам, а со време да ми се придружат и сопруг и детенце.

Издавање на книгите.

Многу проекти и поддршка на родители, деца и млади кои допрва го одат патот што сум го поминала.

 Искрени насмевки, љубов, радувања...