На кафе со Ирена Стојановска - Trinity Strings

Дел од женското трио „Trinity Strings“, музичар во оркестарот при Македонската опера и балет, сопруга и мајка на две прекрасни девојчиња.

Како изгледа едно утро на Ирена Стојановска? Дали имаш некои утрински ритуали?

Утрото ми започнува многу рано. Тоа ми е омилен дел од денот и станувам околу 06:00 часот. Најчесто во тој период станува и помалата ќеркичка па додека таа појадува, јас го пијам утринското кафе.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Па од мој аспект , скопските утра ги доживувам во две етапи…мирот, долгиот појадок, празните улици и свежиот воздух… тоа важи до 8 часот . Потоа е само урбан хаос...

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Раната пролет .

На Скопје му недостасува...

Пешачки зони и зелени површини.

Скопје во само три збора...

еден збор е доволен – Симбиоза :)

Ирена ти си дел од женското трио „Trinity Strings“, музичар во оркестарот при Македонската опера и балет, сопруга и мајка на две прекрасни девојчиња. Како успеваш да направиш баланс помеѓу приватните обврски и професионалните ангажмани?

Во триото имаме премногу смешни приказни на оваа тема и хаосот во кој што се наоѓаме како мајки што работат :) Ќе ви раскажам можеби некоја смешна случка во друга прилика.

Се чини дека периодот кој го поминавме во карантин за „Trinity Strings” беше идеален период за креативно остварување. Неодамна ја промовиравте вашата авторска песна „Summer breeze“, во текот на летото сведоци сме дека сте ангажирани со настапи низ целата држава. Дали и колку новонастанатата ситуација со COVID-19 донесе и нови навики во работењето и секојдневното реализирање  на обврските?

Оваа ситуација за сите донесе нови навики. Меѓутоа од сам старт на пандемијата се трудиме креативно да го пополниме времето. Се надевам дека во брзо време ќе се нормализираат работите , но и би сакала да останат навиките за личен простор и трпението што треба уште да го тренираме :)

Кои се твоите следни работни предизвици? Што подготвувате со „Trinity Strings” во периодот кој следува?

Следно спремаме песна во deep house стил со продуцентот Иван   Јованов Ivayo. Песната се вика “ДА ИЛИ НЕ" и ќе биде  на македонски јазик. Се надеваме ќе излезе во почетокот на октомври.